Речиси четири децении милионската армија навивачи на бразилскиот клуб Фламенго ја сонуваа титулата во најпрестижното натпреварување во Јужна Америка, Копа Либертадорес, пандан на европската Лига на шампиони. Тој сон конечно им се оствари вечерва во првото финале во историјата на натпреварувањето кое се одигра во еден меч. Во Лима, Перу, Фламенго во финалето на Копа Либертадорес со чудесен пресврт го совлада бранителот на титулата, аргентинскиот гигант Ривер Плејт со 2:1.
Јунак на натпреварот беше екс играчот на Интер Габриел Барбоса, кој со два гола во 89 и 92 минута му ја донесе титулата на Фламенго. Ривер имаше водство од 15 минута со голот на Рафаел Боре и целосна контрола на мечот во кој Фламенго делуваше изгубено, на моменти дури и неконкурентно и далеку под нивото на најскапата екипа на јужноамериканскиот континент, поради што бразилците ја имаа улогата на фаворит пред почетокот на финалето. Но, фортуната вечерва беше на страна на Фламенго, кој му нанесе болен пораз на Ривер, токму онака како што екипата од Буенос Аирес во изминатите четири години ги совладуваше своите противници, во кои освои две од четирите титули шампион на Јужна Америка (2015, 2018). За Фламенго, пак, ова е втора титула во Копа Либертадорес, по таа од 1981 година на генерацијата предводена од легендарниот Зико.
Вечерашното финале во Копа Либертадорес ќе остане запаметено и по тоа што тренерот на Фламенго Жорж Жезус стана првиот Европеец кој триумфирал во ова натпреварување. Крајот на мечот финалистите го дочекаа со 10 играчи откако во судиското продолжение беа исклучени Паласиос кај Ривер и Габи гол кај Фламенго.
Фламенго покрај титулата и паричната награда од 20 милиони американски долари, обезбеди учество на Светското клупско првенство кое ќе се одржи следниот месец во Катар. Европски претставник таму ќе биде англиски Ливерпул.
Г.Момироски