Министерството за економија утре или најдоцна задутре треба да ја достави Предлог-одлуката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи до Владата.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши изјави дека ќе бидат опфатени производите од есенската потрошувачка кошничка надополнети со непрехранбени производи кај кои се зголемени високи маржи.
Ќе има околу 100 групи на производи. Ќе се додадат и непрехранбени производи затоа што анализата на Државниот пазарен инспекторат покажа дека има вакви производи каде е зголемена маржата. Одлуката ќе важи до 30 април и ќе бидат опфатени и двата големи празника – Велигден и Рамазан, рече Дурмиши во централниот дневник на телевизија „Сител“.
Дурмиши истакна дека анализата на Државниот пазарен инспекторат покажува дека трговците на мало користеле маржи од 5 до 20 проценти кај основните прехранбени производи и од 20 до 30 проценти бруто профитна маржа кај непрехранбени производи.
Најави дека утре или задутре ќе се одржи и состанокот со надлежните институции на кој ќе се разговара за мерките коишто би имале подолгорочен ефект.
Останува на ставот дека новогодишната кошничка дала ефекти, но дека имало трговци и дистрибутери кои ја изиграле со зголемување на цените на оние производи што не биле дел од новогодишната кошничка. – Значи не дека новогодишната кошничка не даде ефекти, но не како што ние очекувавме, рече Дурмиши.
OhridNews