Носителот на изборната листа на ВМРО ДПМНЕ во 5 ИЕ, Игор Дурловски, на социјалните мрежи сподели порака за зачувување на универзалните вредности на Охридскиот регион и задржување на статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО.

Мал број држави на светот имаат непроценливо богатство како Охридскиот регион кој статусот на светско  наследство го има стекнато и како природна и како културна вредност. Задржувањето на статусот на светско наследство на листата на УНЕСКО мора да биде наш приоритет. Време е со темелен пристап, а не со формалности и декларации да се справиме со овој предизвик. – вели во видео обраќањето го гласачите Дурловски.

Posted by Игор Дурловски on Saturday, June 27, 2020

На пораката на Дурловски реагираше неформалното еколошко движење Охрид SOS кое смета дека изразената грижа за исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион не е искрена.

За жал, знаејќи што се случуваше особено изминативе години, не можеме а да не ја забележиме иронијата во ова излагање. Одеднаш, партијата која го надгради и прошири Плаошник со огромни структури поставени врз археолошки наоди, планираше мегаломански хотелски комплекс во нечепната природа во Љубаништа – директна закана за светинаумските извори и мрестилиштата на пастрмка, медитерански плажи, скијачки центар на падини каде снегот и не се задржува па за таа цел требашe да се гради вештачка акумулација во ливадите каде живеат само над 1000 врсти пеперутки, експресен пат среде национален парк, луксузен комплекс во Студенчишко Блато, преку закон за легализација на дивоградби протурка и објекти на самиот брег на езерото и планираше огромни градби на потегот Грашница – Далјан, како резултат на што во 2017 година дојде Реактивна мисија на УНЕСКО, а последователно Охридскиот Регион беше препорачано да се стави на листата Светско наследство во опасност, сега одеднаш загрижена за УНЕСКО статусот, подготвена да работи на зачувување, дури тоа да биде нивен приоритет. – реагира еколошкото движење Охрид SOS.

Eкологистите велат дека децениското стампедо остави трајни последици врз Охридскиот регион, кои уште не можат да се поправат, а некои вредности се веројатно трајно изгубени.

OhridNews