Партиципативното тело составено од еминентни стручњаци од повеќе институции кои треба да даваат мислење по предложени урбанистички и други решенија, битни за развојот на Охрид, не функционира. Ова го обелодени претседавачот  на Партиципативното тело, угледниот архитект Димитрар Зарчев, на средбата на граѓани со градоначалникот Александар Петрески, одржана вчера, на која се разговараше за спорниот Предлог Нацрт ДУП за Првата УЕ.


Зарчев појасни дека Партиципативното тело кое го формираше Советот на општината и покрај неколкуте обиди не се состанало за да го разгледа Нацрт ДУП- от за Прва УЕ. Тоа според Зарчев не се случило заради опструкција на работата на Партиципативното тело од страна на одредени негови членови, пред се од Заводот и Музеј, кој е еден од најголемите критичари на предложениот ДУП за стар град. За него е нејасно зашто Заводот и Музеј ги изнесува своите забелешки на понудениот ДУП на прес конференција, наместо во  Партиципативното тело чие мислење претставува законска обврска за општината.


На 24 февруари требаше да се одржи состанок на Партиципативното тело во кое членуваат 9 претставници на институции, на кој требаше да дадеме мислење по однос на предложениот ДУП. За жал иако тој состанок беше договорен немаше кворум за расправа. Тоа беше чиста опструкција, зашто еден од најважните претставници од Завод и Музеј не дојде на средбата, ниту тогаш, ниту било кога, рече Зарчев.


Сепак рече, Зарчев, тоа не го оправдува Советот на општината, кој според него, не требало да носи одлука за отпочнување постапка за измена на ДУП за Прва УЕ, затоа што немал добиено стручно мислење од Партиципативното тело, на што е обврзан со закон.


Тоа требаше на советниците да им биде предочено од правните служби без оглед дали се работи за опструкција, дека треба да се сочека мислењето на Партиципативното тело. Дури ако тоа не може да се состане треба да се отповика и да се формира ново Партиципативно тело кое ќе даде стручно мислење по однос на предложениот ДУП, рече Зарчев.


На предлог на Зарчев, градоначалникот Петрески, вчера најави дека спорниот Предлог ДУП за Прва УЕ, кој наиде на бројни критики кај граѓаните од стар град, ќе биде вратен на повторно разгледување.

оhridnews