Уставниот суд смета дека е можно задирање во нечија сопственост со извесен надоместок во пари или друг имот доколку тоа е во интерес на пошироката заедница.
На вчерашната седница, Уставниот суд поведе постапка и изрече времена мерка – решение за стопирање на сите градежни дејствија надвор од урбанистичките планови. Одлуката се однесува на законската можност за добивање дозвола за градба со Локална планска урбанистичка документација за што согласност дава комисија од три члена што ја формира општината. Уставниот суд смета дека овој инструмент не треба да се применува во случај кога парцелата или објектот се наоѓа во простор за кој е донесен Детален урбанистички план. Истиот според судот може да се применува само онаму каде нема Детален урбанистички план.
Целта на ваквата одлука е да се избегнат можни злоупотреби односно без поширока јавна расправа да се носат одлуки за корекции на големината и висината на градежните објекти.