Музички дела на Бетовен, Шостакович, Бах и Прокофјев изведени на виолина и пијано, ќе има можност да слушне публиката која вечерва ќе го проследи концертот на дуото „Кадеша“ од Албанија. Овој интересен дуо состав го сочинуваат Јонијан Илиас Кадеша и Флоријан Глемсер.

Илиас Кадеша со многубројните награди кои ги стекнува на интернационалните соло и камерни натпревари, постојано докажува дека е еден од највозбудливите и најинтересните виолинисти  на денешницата. Своето деби го има уште на 12-годишна возраст, кога заедно со Оркестарот на Тоскана го изведува Виолинскиот концерт бр. 2 на Хенрик Вјењавски. Дипломирал на Атинскиот конзерваториум  „Лида Леуси“ со златен медал и посебни одлики. Своето образование го продолжува на Универзитетот за музика во Вурцбург, Германија, каде што во 2013 година ја добива својата уметничка диплома. Оттогаш, постојано е присутен на европската сцена, одржувајќи концерти и рецитали со бројни оркестри во цела Европа. Соработувал со голем број реномирани музичари и диригенти, а своето знаење постојано го надградува со учество на мајсторски курсеви.

Пијанистот Флоријан Глемсер започнал да се образува на Кралската музичка академија во Лондон, под менторство на професорот Хејмиш Милн, а потоа своите студии ги продолжил на Високата музичка школа „Франц Лист“ во Вајмар, Германија, во класата на професорот Григориј Груцман. Редовно настапува во различни камерни состави, а соработувал и со повеќе оркестри од неколку европски земји. Покрај класичната музика, негова голема инспирација е и џез-музиката. Добитник е на бројни награди на повеќе интернационални натпревари.

Концертот на дуото „Кадеша“ ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

OhridNews