Синоќа црквата „Св. Софија” блесна со гласовите на хорот ,, Драган Шуплевски” при Факултетот за музичка уметност под диригентската палка на Сашо Татарчевски. Во чест на празникот Свети Климент летен, хорот изведе 13 композиции од духовната хорска музика од македонските композитори Трајко Прокопиев, Кирил Македонски, Драган Шуплевски, Томислав Зографски, но и од познати руски композитори како Петар Илич Чајковски, Николај Кедров, Павел Чесноков, Георги Свиридов, Ромуалд Твардовски, Арво Парт и Александар Архангелски. Хорот се состои од 65 членови, а синоќа настапија 44.
Овој хор за првпат настапува на Охридско лето, а честа и задоволството се огромни како што истакна диригентот Татарчевски:
„Секогаш е чест да се настапува на Охридско лето. Како што публиката можеше да види и чуе задоволството кај студентите беше на највисоко ниво. Тие пееја со максимална енергија која ја одржаа во текот на цел концерт, а за тоа секако придонесе и амбиентот во црквата. “
Татарчевски импресионирано ги споделуваше своите впечатоци од акустиката на Света Софија и целосно исполнетиот капацитет во црквата, како и нескромното задоволство од позитивните и топли реакции од публиката. Тој идвои дел од активностите на хорот, како и наградите со кои е крунисана нивната музичка дејност.
„Хорот е активен како на домашен така и на меѓународен план. Секоја година еднаш или двапати настапуваме на интернационални хорски натпревари и се враќаме со високи признанија и награди. Последниот успех е освојување на првото место минатата година на интернационалниот хорски фестивал во градот Балчик во Бугарија. После тие натпревари добиваме покани за уште попрестижни интернационални натпревари така што имаме големи можности за презентирање на нашиот богат репертоар на музика од сите стилови. Секако наградите кои ги добиваме се дополнителен стимул за да работиме посветено како доста ангажиран хор.”- додаде диригентот Татарчевски.
Посетителите уживаа во едночасовната изведба на композициите од духовната хорска музика, која како што кажаа, им ги исполни срцата за празникот на патронот на Охрид, Свети Климент летен. Тие беа задоволни од изборот на програмата и богатиот репертоар , како и инзвонредните вокални можности на хористите.
„Навистина е реткост да се види ваков добро наштиман хор во Охрид. Ни приредија вистинско и комплетно уживање.”
„Фантастичен репертоар, нивното пеење инзвонредно се вклопи со акустиката на црквата. Една од најдобрите вечери кои долго ќе ги паметам.”
„Мора да го пофалиме изборот на хорот за вечерва кој располага со голем потенцијал и тоа го потврдуваат големиот број награди и високи признанија кои ги има освоено на интернационалните хорски натпревари.Чиста десетка за настапот.”
Синоќа концертот на хорот „Драган Шуплевски” беше пренесувн во живо преку видео пренос од веб страната на Охридско лето.
Мешаниот хор „Драган Шуплевски” при Факултетот за музичка уметност – Скопје е значаен фактор во музичкиот живот на Република Македонија. Сегашното име го добива во 2002 г. во чест на долгогодишниот раководител и диригент, проф. Драган Шуплевски. Покрај своите редовни концерти, хорот учествува во проекти заедно со другите ансамбли на ФМУ и на реномирани фестивали: „Мајски оперски вечери”, „Интерфест”, ТЕХО, „Нишки хорски свечености”, „Мајски хорски конкурс”, „Варсовиа Кантат“ и др. Неговиот репертоар е стилски разновиден – од ренесансата до најсовремени творби. Посебен настан секоја година претставуваат концертите на духовна музика во централните храмови на Македонската православна црква и католичката црква во Скопје. Од концертите на хорот се направени неколку ТВ и радио снимки, а ФМУ има издадено и компакт дискови од два концерта на духовна музика „Вечерна жртва” под диригентство на актуелниот диригент на хорот вон. проф. Сашо Татарчевски. Својот квалитет и напредокот во последните неколку години хорот ги потврдува и со освојувањето награди на меѓународни хорски натпревари. Како резултат на тие настапи, хорот е веќе вмрежен со голем број Европски хорови и е редовно покануван да учествува на реномирани фестивали и натпревари.
Ивана Чичоска