Празникот Духовден, меѓу народот познат и како Дуовден, Света Троица, Педесетница, Свети Дух итн., се празнува десет дена по Спасовден (Вознесение Христово), а педесет дена по Велигден (Воскресение Христово). Се вика и Педесетница не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот што му дава печат на овој ден се случил точно на Еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската гора.
Тој ден апостолите биле на едно место во Ерусалим. Биле дванаесет на број зошто испразнетото место на Јуда Искариотски, кој по предавството на Исус се обесил, го пополниле со Матеј кого го избрале од учениците Христови, за нивниот број пак да е двананаесет. Околу девет часот наутро се слушнал силен шум од небото како дување на силен ветер, се покажал Светиот Дух, ја исполнил просторијата, а потоа во форма на пламени јазици слегол врз апостолите. Овој момент е претставен и на иконите во нашите цркви, каде се насликани на едно место сите апостоли, заедно со Богородица, а над нивните глави се гледаат пламени јазици, што всушност го претставуваат Светиот Дух.
По овој настан апостолите почнале да зборуваат на разни јазици, а многубројниот народ што се собрал по силниот шум помислил дека тие луѓе зборуваат неразбирливо затоа што се пијани. Тогаш се појавил апостолот Петар кој на собраните луѓе им објаснил дека тие не се пијани туку се исполнети од Светиот Дух што им го испратил Господ. Потоа ги поканил да се крстат, а многумина што чувствувале товар на совеста поради настаните што му се случиле на Исус Христос, веднаш прифатиле да ја примат верата Христова. Само во тој момент се крстиле околу 3000 луѓе.
Овој празник се вика уште и Света Троица затоа што на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со одобрение на Богот-таткото се исполнило ветувањето на Богот-син дадено пред апостолите дека ќе им го испрати Светиот Дух.
Празникот Духовден нашиот народ го смета за голем празник. Тогаш не се работи, се оди во црква и на гробишта. Во народното верување овој празник најповеќе се поврзува со душите на умрените. Се верува дека од Велигден до Духовден душите на умрените се слободни. Кога ќе се рече Ристос воскресе на Велигден се отварале вратите на рајот и душите рисјански летнувале по небото и најповеќе застанувале по цветовите од дрвјата. Се вели уште и дека на Духовден мртвите разговарале, па кој сакал да ги чуе, да го ставел увото на некој гроб ќе слушнел како шепотат како пчели кога брмчат. На овој ден на гробишта се носат ореови гранки, а Е.Спространов запишал дека „тогаш се затвора рајот,а мртвите ги мамеле со ореова гранка“, верување кое потекнува уште од претхристијански времиња дека оревот има привлечна сила за душите на умрените. На Духовден се раздава за душа, зошто мртвите пред да бидат затворени, треба да бидат нахранети. Поради тоа човек не смее ништо да јаде додека не раздаде „задуша“. На овој ден се раздаваат и дулиња (бардачиња).
Јасминка Т. Момироска