Четврта генерација ученици го започнаа дуалното образование во насоките техничар за индустриска мехатроника и техничар за производно машинство во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.
Директорот на училиштето, Сашо Недески им посака на учениците да се стекнат со што поголемо знаење како во училиштата, така и во компаниите.
Трите претходни генерации успешно ја реализираат наставата во двата профили и во компанииите и во училиштето. Учениците започнуваат со практична настава во компаниите од втора година, која ја реализираат сертифицирани обучувачи од самата компанија и професори по практична настава. Учениците преку зголемениот фонд на часови подолго време престојуваат во компаниите, во текот на целото школување се во истата компанија и стекнуваат чувство на припадност во компанијата запознавајќи го комплетно производниот процес и начинот на работа. Компаниите добиваат обучен кадар по нивни барања и стандарди и по завршување на школувањето им обезбедуваат вработување во компанијата, вели Недески.
Директорот на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Патрик Мартенс, истакна дека оваа можност што им се нуди на учениците да иматат практична настава во компанииите во Охрид преставува голема перспектива како за личен развој, така и за развој на кариера понатаму.
Овие два профила на образование се клучни за фирмите и даваат една база за во рамките на овие струки да се насочувате и да го развивате своето образование. На крајот од вашето образование ќе се стекнете и со сертификат од Германската стопанска комора, кој ќе овозможи продолжување на образованието и ќе преставува основна база со којашто понатаму ќе се вработите во некоја од овие компании. Имате можност да добиете практична настава во компаниите до 50 % од вашето образование и секако да ја запонаете компанијата каде ќе ја остварувате праксата, да се запознаете со нејзината политика со целата таа околина, работна култура. Ваша голема предност е што во вашиот град имате модерни и перспективни компании кои ќе ви овозможат да учите, да се развивате во рамките на компанијата, а секако еден ден и да работите таму, рече во своето обраќање до учениците Мартенс.
Дејан Чупоски од Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, но и координатор на програмата за дуално стручно образование по германски модел, вели дека овие програми се базирани врз германските курикулуми за мехатроничар и за техничар за производно машинство, а самите компании беа вклучени во изработката на истите.
За да се има квалитетно дуално образование битно е и кои компаниии се вклучени во програмата, а со овие четири компании Магна, Костал, ОДВ и ЛТХ-Леарница, имаме силни и моќни компании кои имаат искуство во спроведувањето на дуалното образование. Една од клучните моменти на ова образование е токму квалитетот. Кога ќе одите во компаниите добивате обука од задолжени компаниски ментори, кои се сертифицирани по германски стандарди. За да се дознае дали на крај се постигнати предвидените резултати, покрај државната диплома има и завршно тестирање спроведено од Делегацијата на германското стопанство и успешните ќе добијат сертификат за квалитет, додава Чупоски.
Вкупно 170 ученици од ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ – Охрид посетуваат дуално образование од кои 106 ученици од прва до четврта година во профилите техничар за индустриска мехатроника и техничар за производно машинство, кои реализираат настава по прилагодена програма од германски модел за наши стандарди.
Н.С.Ј.