Општина Охрид им наложи на сопствениците на дуќани во Стариот дел на градот да ги отстранат светлечките реклами од пред нивните објекти. Станува збор за активност насочена кон задржување на автентичниот изглед на тој дел од градот, во рамки на процедурата на етапно стандардизирање и визуелно унифицирање на урбаната опрема поставена на најатрактивните локации низ градот.

Осумдесеттина угостителски објекти, занаетчиски работилници, сместувачки капацитети и други субјекти што обавуват туристичка и услужна дејност во Стариот дел на Охрид од неодамна добија унифицирани рекламни табли. Станува збор за типизирани табли изработени од дрво и ковано железо, идентични за сите објекти. Интенција е со нивно поставување да се измени односно подобри изгледот на тој дел од градот.

Рекламните табли се изработени согласно Правилникот и каталогот за стандардизација и визуелна унификација на урбаната опрема што на почетокот на годинава им беше презентиран на сите субјекти од туристичката и услужната дејност, а го пропишуваат видот, типот, категориите и карактеристиките на стандардизирана и визуелно унифицирана урбана текстура, урбан мобилијар и утилитарни објекти.

Такви табли добија објектите на просторот пред црквата „Св. Софија“, улиците „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“ и плоштадот „Св.Климент Охридски“. Предвидено е постепено такви табли треба да добијат и деловните објекти во чаршијата долж улицата „Св Климент Охридски“, како и плоштадот „Крушевска Република“ со краците што водат кон булевар „Туристичка“ и дел од чаршијата до пресекот со улицата „Гоце Делчев“.

Уште минатата година Општина Охрид започна со унифицирање на урбаната опрема во репрезентативниот дел на Охрид, а ги опфаќа и тендите пред угостителските објекти, што ќе треба да бидат усогласени по боја и изглед.

Сопствениците на објектите што веќе добија рекламни табли и од кои е побарано да ги отстранат сопствените светлечки реклами имаат забелешка на тоа што нивното остранување ќе значи слаба осветленост на улиците во ноќните часови, особено што станува збор за мошне фреквентни улички што се интензивно посетени од гости и туристи.

Од Општина Охрид најавено беше дека согласно финансиските можности, ќе се уредува осветлувањето во Стариот дел на градот со стандардизирани и унифицирани канделабри, што треба да ги заменат посточеките што се со слабо осветлување.

Правилникот и каталогот за стандардизација и визуелна унификација на урбаната опрема на локациите беше усвоен од страна на Советот на Општина Охрид минатата година и е изработен согласно одредбите од Законот за градење, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за заштита на културно наследство и Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.

OhridNews