Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе изврши вонреден инспекциски надзор во Болницата во Прилеп во врска со смртта на новороденчето кое почина од сепса, потврди денеска во изјава за новинарите министерот за здравство Фатмир Меџити.

Веднаш денеска иницирав како министер во Министерството, ќе оди Државен санитарен инспекторат и ќе има и стручна комисија. Нема отсега натаму веќе да има сомненија за ниту еден случај, се ќе решиме до крај како што треба, рече на новинарско прашање Меџити по посетата на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести, по повод промоција на нови сензори за мерење гликемија.

Бебето било родено во болницата во Прилеп, а потоа префрлено на Детската клиника во Скопје, каде починало по една недела.

Тој при тоа повторно го повик Обвинителството дека е крајно време веќе да излезат со име и со презиме во однос на скандалот со Онкологија.

Нема да дозволиме да се оцрни белиот мантил повеќе, и тие излегоа со соопштение да не го користиме за политички цели. Јас не сум политичар, јаз сум доктор, и јас сум човек, пред се, и јас сум министер за здравство и затоа ќе барам отчет од сите институции. Го повикувам Обвинителството да излезе конкретно со име и со презиме. Мислам дека веќе е крајно време, предолго трае овој процес, рече Меџити.

Директорката на клиниката, Стојка Нацева Фуштиќ вчера информираше дека новороденчето било донесено од Прилеп на Детската клиника во тешка состојба, со ирегуларно дишење, било згрижено на Единицата за интензивна терапија, првично со неинвазивна поддршка на респирацијата, а потоа поставено на механичка вентилација.

Детето е поставено на двојна антибиотска терапија, соодветна поддршка, односно корекција на нарушувањата, меѓутоа она што откажува и бубрежната функција, седмиот ден завршува лошо. Според клиничките и биохемиските параметри, се работи за рана неонатална сепса, што се појавува првите четири дена и најчесто, инфекцијата настанува при самото раѓање. Дали е предвремено прснат воденик, дали е од родилните патишта, тука може да се шпекулира … немаме такви податоци. Меѓутоа, кога е донесено на клиниката, веќе има јасни клинички биохемиски знаци за рана неонатална сепса, појасни директорката на Детската клиника.

Мајката на бебето на социјалните мрежи  ги сподели случувањата по породувањето, информирајќи дека во Прилепската болница персоналот и рекол дека бебето ќе биде третирано со зрачење заради жолтица, но потоа било препратено во Скопје.

Како што појасни Нацева Фуштиќ,  жолтицата е физиолошка појава кај бебињата. Педесет отсто, вели, од бебињата имаат жолтица и таа е најчесто во физиолошки граници.

OhridNews

фото. МИА