Со свеченост на која присуствуваше премиерот Никола Груевски, во населбата Расадник денеска во употреба беше предадена новата зграда што ја градеше јавното претпријатие за стопанисување со станбен  и деловен простор.


-Овој објект располага со 70 комерцијални станови кои ќе се продаваат по мошне поволни цени кога е во прашање Охрид од околу 800 евра за метар квадратен, истакна Груевски.


Тој најави дека до месец август ќе биде готова и зградата која се гради во непосредна близина која ќе биде наменета за социјално загрозени категории граѓани. Вкупната вредност на двете згради е околу 100 милиони денари, а премиерот најави уште една таква инвестиција со која веднаш до овие ќе започне изградба на уште две нови згради со околу 120 станови.


Тоа е сериозна инвестиција која ќе им помогне на многу граѓани да го решат животното прашање, рече Груевски потенцирајќи дека Владата ќе го исполни даденото ветување за изградба на 2500 станови.

Тоа ќе им помогне и на градежните компании што е особено важно во време на економска криза, бидејќи кога работи градежниот сектор работа има за уште 21 сектор, додаде премиерот Груевски.

OhridNews