Вработените во јавната администрација во наредните две години нема да мораат да брзаат да научат еден од странските јазици кои се користат во Европската Унија, за да ги задржат позициите во администрацијата или да избегнат намалување на платата за десет отсто, објави „Вест“.

Обврската за учење на еден од трите светски јазици – англиски, француски или германски, место до февруари 2017 година, ќе се пролонгира една година откако Македонија ќе стане членка на Европската унија. Вакви измени на Законот за административни службеници, по скратена постапка, предлагаат пратениците на парламентарното мнозинство ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Овој Закон беше донесен во февруари 2014 година, а се применува од 13 февруари годинава. Пратениците Илија Димовски и Рафиз Алити, кои се првопотпишани на овие измени, предлагаат амандман, со кој интервенираат во членот 108 од Законот. Досегашната формулација “во рок од две години од денот на започнување со примената на овој закон” се заменува со зборовите “на кое бил распореден на денот на почнување со примена на овој закон, во рок од една година од денот на пристапување на Република Македонија во Европската Унија”.

Инаку, јавните и државни службеници, според сегашниот закон, кој стапи на сила минатиот месец, имаат обврска до февруари 2017 година, до секретарот или раководното лице на институцијата да достават докази, односно меѓународни признати сертификати или меѓународно употребувани уверенија за познавање на странски јазик, соодветно на нивното работно место. Службеникот што дотогаш немаше да достави ваков доказ, според актуелниот закон ризикува да биде распореден на работно место пониско за едно ниво, а на почетниците да им се намали плата за десет отсто, сe додека не достават доказ дека научиле странски јазик.

Освен обврската за учење странски јазик, јавните и државните службеници, до февруари 2017 година нема да мораат да докажуваат дека знаат да работат со компјутерски програми за канцелариско работење. Но ако до влегување во ЕУ не научат да работат со компјутерски програми, ќе бидат деградирани на работно место за едно ниво пониско, или ќе бидат казнети со десет отсто од платата.
Во Предлогот за изменување на Законот за административни службеници, за кој ќе се расправа на денешната собраниска седница, четворицата пратеници само го опишуваат предлогот, меѓутоа не даваат никакво образложение зошто е потребна ваква измена сега, само еден месец по стапувањето во сила на Законот.

OhridNews

Извор: „Вест“