Претпријатијата во државна сопственост минатиот месец заштедиле осум отсто струја во споредба со септември лани, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Со анализата што ја презентираше Бектеши, опфатени биле вкупно 17 државни компании.

Притоа, само кај ЈП Водостопанство – Македонија се забележува поголема потрошувачка на електрична енергија отколу во септември минатата година.

Од овие субјекти, девет оствариле заштеди од минимум 15 отсто, пет оствариле заштеди помалку од 15 отсто, а два субјекта имаат поголема потрошувачка на електрична енергија – едниот за 10 отсто, додека другиот за над 50 проценти. Субјектот кај кој се забележува поголема потрошувачка на електрична енергија е ЈП Водостопанство – Македонија, информира Бектеши.

Министерот на прес-конференција во Владата претходно соопшти дека државните институции во септември реализирале вкупна заштеда на струја од 20 отсто.

Грејната сезона почна и треба сите ние во наредниот период малку да се фокусираме на штедење и на начините како да го направиме тоа. Една мала промена на секојдневните навики може да направи голема разлика, порача Бектеши.

Анализата исто така покажува дека вкупно 111 институции немаат потпишано договор за снабдување со електрична енергија и се снабдуваат на краен снабдувач со многу повисока цена односно цената на HUPX + 20 отсто.

Најголем број субјекти кои се снабдувани од снабдувачот во краен случај се основните и средните училишта, по што следат министерствата и здравствените установи.

Министерството за економија до Владата достави сет препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија за безбедна зима. Овие мерки почнаа да се применуваат од 1 септември и сите органи на државната управа, државни институции и јавни претпријатија беа задолжени да остварат заштеди во потрошувачката на електрична енергија за 15 отсто на месечно ниво, почнувајќи од 1 септември 2022 заклучно со 31 март 2023 година, споредено со истиот месец од претходната календарска година.

OhridNews