Премиерот на Владата Христијан Мицкоски и претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова Велигден го дочекааа во храмот Св. Богородица Перивлепта во Охрид. Заедно со нив беа и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, пратеникот од Охрид Сашо Донев и други јавни функционери.

Традиционално празникот Велигден ги исполни храмовите на Македонската православна црква во Охрид каде илјадници верници присуствуваа на полноќната богослужба.

Оваа година Велигден заедно го слават православните и католичките верници, како и припадниците на Евангелско – методистичката црква. По тој повод честитка упати претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која посочи дека годинешново празнување минува во сенка на големата трагедија што се случи на 16 март во Кочани која однесе 62 млади животи.

Христовото воскресение, како стожер на верата, кај секој христијанин веќе два милениума е симбол на животот и ги крепи нашата верба и надеж, инспирирајќи нè да ја негуваме духовностa и да даруваме љубов секому и секаде.

За време на велигденскиот пост ни се случи досега незапаметена трагедија во современата историја на нашата татковина. Најискрено се надевам дека Велигден ќе ни донесе утеха, добра мисла и оптимизам сплотени и солидарни да ги надминеме искушенијата.

Да покажеме дека од несреќата и неволјата можеме да излеземе помудри, подобри и похумани. Да правиме добри дела и да им помагаме на сите кои имаат потреба од помош и поддршка, истакна Сиљановска Давкова.

Г.М.