Лидерите на најголемите политички партии денеска во Скопје ќе одржат нова средба на која треба да се дефинира официјалниот став на македонската држава во врска со најновиот предлог на посредникот во спорот со името Метју Нимиц. На средбата се очекува да присуствува и комплетниот државен врв.
Шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски пред два дена во Охрид најави дека државниот врв на денешната средба ќе го изгради финалниот став по предложената платформа кој ќе и биде соопштен на јавноста.
Во очи денечната средба лидерот на ДПА Мендух Тачи истакна дека ставот на неговата партија и албанците ќе биде конструктивен. Најважно е сите политички сили во Македонија и двата најголеми етникума да изградат заеднички став. Тогаш преговарачките позиции на државата ќе бидат појаки, рече Тачи.
Иако официјално не се откриваат детали од предлогот на Нимиц, експертската јавност предупреди на внимателност бидејќи предложената платформа крие многу замки кои се опасни за Македонија. Најдискутабилен според нив е членот 8 од предлогот кој предвидува ниту една од страните да нема право на ексклузивитет во користењето на зборот македонија што според нив значи директно загрозување на интегритетот бидејќи земјава не ќе може да употребува термини како македонски народ, македонски јазик, македонска култура и слично. Според експертите македонскиот државен врв треба да ги отфрли сите спорни точки, а да прифати само да се дискутира околу атрибутитет на името кои не ги загрозуваат македонските национални интереси. Експеритет сметаат дека медијаторот Нимиц излегол од мандатот и наместо медијација понудил платформа која е исклучителна неповолна за Македонија.
Угледниот професор и филозоф, Ферид Мухиќ во интервју за нашиот интернет портал истакна дека Македонецот треба малку да ја крене главата и да престане постојано да се наведнува пред се и секого.Треба да се ослободиме од тој товар бидејќи она што те спасило сто пати, а на што си бил приморан поради разни околности не значи дека наведнувањето глава е рецепт кој цело време треба да се применува. Има притисоци и моменти кога е подобро веќе да не наведнуваш глава и мислам дека народот сега е посвесен за интегритетот од политичарите кои би можеле да научат малку особено од младите и би требало да се вратиме малку кон нашите корени во минатото кога ниту гордост ниту интегритет не ни недостасувале, напротив ги имавме и отповеќе, смета професорот Мухиќ.
„Македонија веќе е доволно цврсто конституирана како политички идентитет со народ кој има многувековен интегритет, за да можат било какви притисоци околу името да сменат нешто повеќе од некоја буква во нешто што со сила го додаваат или одземаат“, вели професор Мухиќ, за Ohridnews.
Горан Момироски
фото:МИА