Државниот студентски дом “Никола Карев” во Охрид, традиционало во месеците јули и август, својата дејност ја пренасочува кон туристичкиот пазар. Причина за тоа е се помалиот број студенти, но пред се фактот што тие не го користат овој сместувачки капацитет во летните месеци.

Студентскиот дом “Никола Карев” располага со 86 соби (23 двокреветни, 51 трокреветна и 8 четирикреветни соби), односно 231 легло. Цените се достапни за сечиј џеб, ноќевање чини 400 ден., а за 600 ден. добивате ноќевање со појадок, 760 ден. – полупансион и 910 ден. – полн пансион. Во моментов искористеноста на сместувачкиот капацитет на студентскиот дом е  80%, информира Жарко Куциноски, директор на Државниот студентски дом “Никола Карев” – Охрид.

Неодамна со мало финансиско вложување, успеавме колку-толку да го освежиме објектот, обичното осветлување  го замненивме со лед, инсталиран е WI-FI безжичен интернет во целиот студентски дом, поставена е кабелска телевизија, лед телевизори, но имаме и други планови за во иднина за кои очекуваме финансиска поддршка од Министерството за образование и наука, односно од Владата. – истакнува Куциноски.

Куциноски вели дека Државниот студентски дом “Никола Карев” добива значајна поддршка од надлежните институции, пред се од комисијата за образование и наука во македонскиот парламент, локалната самоуправа, МОН, како и Владата, а наскоро се очекува и конкретна финансиска инјекција, што ќе придонесе како за подобрување на студентскиот стандард, така и на можностите за комерцијална работа. Имено, се очекува во идниот период Министерството за финанси и МОН да потпишат меморандум за соработка со германската KW дабл банка, со кој треба да се обезбедат средства за целосно реновирање и реконструирање на студентските домови во нашаата држава во делот на енергетска ефикасност, се’ со цел подобрување на условите за сместување.

Државниот студентски дом “Никола Карев” Охрид е изграден во 1964 година, како дел од комплексот на хотел “Палас”. Како депанданс работи до 1998 година, кога со одлука ва Владата е реструктуиран во студентски дом.

OhridNews