Протоколот за работа на угостителски објекти за сместување (хотели и други објекти за сместување), што деновиве го усвои владата, предвидува процедури за хотелскиот дел, ресторански процедури, употребата на санитарните јазли, општи препораки за гостите и препораки за постапување при појава на случај со симптоми со КОВИД-19. Сите овие процедури мора да се почитуваат, изјави денеска на пресконференција претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.
Ги повикувам хотелиерите, кои го очекуваа овој протокол, сериозно да пристапат кон правилна примена на сите мерки од овој протокол но и за сите други протоколи кои се однесуваат на работните места или организација на конференции, состаноци и други видови на обуки. Сите овие протоколи се значајни пред се за заштита на јавното здравје, заштита на гостите и посетителите на хотелите и заштита на персоналот кој работи во хотелите. Протоколите кои се однесуваат на мерките за превенција и спречувањето на ширењето на коронавирусот КОВИД-19, по објавата во Службен весник, се објавуваат и на специјализираната веб страница koronavirus.gov.mk, каде што сите заинтересирани може да се информираат за сите мерки коишто Владата ги носи. – информираше Филипоска-Грашкоска.
OhridNews