На итната седница закажана за денеска, Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ се очекува да разгледа и усогласи два владини извештаи, што се очекува да доведе до пониска цена на горивата во државата, како и на некои основни прехранбени производи.
Претставничкиот дом и Домот на народите на државниот парламент претходно ги усвоија тие два закона (за ДДВ и акцизи), но во различни текстови, па затоа беше неопходно да се усогласат меѓу двата дома.
Во март годинава Претставничкиот дом усвои предлог за измена на Законот за акцизи во Босна и Херцеговина, според кој горивото во Босна и Херцеговина би поевтинувало и до половина конвертибилна марка за период од шест месеци, со можност за продолжување за дополнителни три месеци.
Потоа, Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ го усвои истиот закон, но со рок на важност од само 30 дена.
Затоа, беше потребно усогласување на текстот на предложениот закон меѓу двете комори, а Комисијата за усогласување го усогласи на тој начин што акцизите за гориво се укинуваат за период од шест месеци со можност за продолжување за дополнително три месеци.
Кога станува збор за Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, станува збор за воведување на нулта стапка на ДДВ за основните прехранбени производи, храна и опрема за деца, семенски и саден материјал и 22 отсто за луксузни стоки.
OhridNews