Државниот архив ПО Охрид за прв пат ја презема документацијата од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид од 1951 до 2000 година. Според сите законски нормативи документацијата која е постара од 20 години треба да ја преземеме во Државниот архив, вели директорот на установата, Никола Митровиќ Бабе.

Сега сме збогатени со трајната документација и на Завод и музеј Охрид и трајно ќе биде чувана кај нас. Тоа е секојдневна работа на архивот, но не сите институции се подготвени да ја средат документацијата за во таква форма да ја предадат во Државниот архив. Меѓутоа, оваа инстутуција ја среди документацијата од 1951 до 2000 година и ја предаде кај нас, така да секој кој е заинтересиран за изучување на историјатот на Завод и музеј на град Охрид слободно може да се обрати, вели Митровиќ.

Соработката, вели Митровиќ, со оваа институција е интензивирана во последно време, а остварен беше и состанок со директорот при што се констатира дека одредени архивски фондови односно музејски материјали кои ги предале наместо во архивот во музејот ќе бидат предадени на нив како институција задолжена за чување на архивски материјал.

Неколку пати досега сме имале соработка, а истата се интензивира и сега. Ќе имаме пренос на одредени документи кои сведочат за одредени фамилии, па и личности на градот Охрид од музејот во архивот, додава Митровиќ.

Н.С.Ј.