Владата на 70-та седница што се одржа вчера, одлучи на единиците на локалната самоуправа да им додели средства за финансирање на проекти за развој на селата, во износ од речиси 28 милиони денари, како и за финансирање на проекти за развој на плански региони, во износ од околу 195 милиони денари. 

На седницата исто така беше разгледана и прифатена информацијата за изменување и дополнување на Годишната програма за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и на Црвениот Крст на Република Македонија од приходите од игри на среќа и од забавните игри. Министрите ги прифатија и измените на одлуката за распоредување на приходите од игри на среќа и од забавните игри за 2018-та година.

Согласно годишната програма и согласно законските решенија ќе се финансираат дополнителни програмски активности во областа на детската и социјалната заштита на Црвениот Крст. Организацијата ќе обезбедува пансионски услуги за корисниците и волонтери за поддршка на реализација на проектот: „Бесплатен одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик, деца корисници на посебен додаток и други права, со цел придонес во подобрување на социјализација на деца од семејства со социјален ризик“. 

Црвениот Крст исто така ќе ги спроведува стратешките определби на организацијата на национално и локално ниво кои овозможуваат да се креираат програми за подобрување на здравјето на луѓето и унапредување на социјалната интеграција на населението во заедниците, воспоставување на семејни врски во случај на разделени семејства, промовирање на меѓународно хуманитарно право, како и унапредување на системот за подготвеност и дејствување при катастрофи. 

OhridNews