Македонија вчера се задолжила за 33, а денеска треба да врати 47 милиони евра. На аукција на државни хартии од вредност, Министерството за финансии издало едногодишни државни записи од речиси 18 милиони евра, како и 10-годишни и 15-годишни државни обврзници со вкупна вредност од 15 милиони евра, објави телевизија „Телма“. Овие пари ќе се враќаат во 2025 и 2030 година со камата од 3,8 односно од 4 отсто. Според аналитичарот Слободан Најдовски, ова е доказ за недоговорниот однос на власта во делот на јавните финансии.

-На Владата не и преостанува ништо друго освен да се задолжува, бидејќи не сака да си го наруши својот комодитет и да ги скрати расходите, особено оние нерационалните. Како што слушнавме во објавените разговори од опозицијата, се измислувале најразлични расходи, кои не се во функција ниту на развојот на економијата на РМ, ниту пак се во функција на социјалните фондови, изјавил Најдовски за телевизијата.

Државата и минатата недела се задолжи на домашниот финансиски пазар за 21 милион евра, но за разлика од денешната, таа аукција не беше најавена во календарот на Министерството за финансии.

-Тоа е резултат на една филозофија која ја има оваа Влада во водењето на буџетската политика, а таа се состои во трошење многу повеќе отколку што создава македонската економија. Во јануари оваа година темпото на растот на расходите е двојно повисоко од растот на приходите. Како резултат на тоа се јавува зголемен дефицит од 6 милиони евра, објаснува Најдовски.

За разлика од повеќето аналитичари, министерот за финансии, Зоран Ставрески тврди дека буџетот е во одлична кондиција. Тој минатата недела изјави дека не постои опасност од грчко сценарио во македонската економија. Јавниот долг на земјава на крајот на 2014 година изнесуваше 3,9 милијарди евра или 45,8 отсто од БДП.

OhridNews

Извор:„Телма“