Причина за лошата хидролошка состојба на Охридското Езеро кое од почетокот на годинава е опаднато за 70-на сантиметри, покрај големата суша е и лошото менаџирање и несоодветната заштита, велат научните работници. Според нив државата не се потпира на науката, а заштитата на животната средина ја врши без потребните стручни анализи.
„И покрај тоа што министерството за животна средина прави напори за согледување и решавање на проблемите, тие сеуште не се доволни за да се постигнат ефикасни резултати, особено оваа година кога сушата предизвикува сериозни последици врз хидролошката состојба на реките и езерата, а доколку и нерационално се користи водата за добивање на електрична енергија како што е случајот со Охридското Езеро доаѓа до снижување на нивото под дозволениот минимум“, вели професор д-р Љупчо Групче, член на Македонското еколошко друштво-МЕД.
Стопанисувањето со водите треба да биде многу разумно бидејќи водите и езерата треба да ги оставиме и за идните генерации, додава Групче.
Охридското Езеро не се заштитува соодветно – д-р Групче прв од десно
Охридското Езеро сеуште се третира како акумулација а не како ретко природно богатство, а сериозен проблем се и различните компетенции на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и на Електростопанство. Тоа доведува до несоодветни решенија и водата се користи повеќе отколку што ја има во езерото, предупредува Групче. Тој појаснува дека во нормални услови во Охридското Езеро влегуваат 31 кубик вода во секунда и не треба да се испушта повеќе од таа количина вклучувајќи го и испарувањето, но проблем според него е што политичарите не ги слушаат експертите туку настојуваат да ги задоволат желбите и недостигот на вода во соседните земји.
Во Дримот истекуваат 2,5 кубни метри вода во секунда
Нивото на Охридското Езеро веќе десетина дена е под минималната кота, односно на 693,16 метри надморска височина. Доколку тоа се спушти под критичниот минимум кој се наоѓа на 693,10 метри надморска височина на езерскиот екосистем му се заканува еколошка катастрофа, предупредуваат екологистите. И покрај ваквите предупредувања испустите на Дрим иако само делумно, сеуште се отворени, а од езерото се испуштаат околу 2,5 метри кубни вода во секунда за потребите на хидросистемите во Македонија и Албанија.
Г. Момироски