И покрај тоа што сме во екот на туристичката сезона, охридските плажи се со нерегулиран статус. Државата уште во месец март најави дека ќе ги преземе ингеренциите со плажите, но тоа до сега не се случи. Па така, ниту општината, ниту државата објавија повик со кој би се издале плажите под концесии и би се регулирал нивниот статус.
- Губат и граѓаните и општината како резултат на тоа што се обавува дејност на плажите, а не се регулирани односите помеѓу општината и закупците на плажите, концесионерите, вели охридскиот градоначалник Константин Георгиески.
Информира дека изминатите две недели, локалната самоуправа работела на подготовка на документација за распишување на нов повик.
- Елаборатите се веќе подготвени и се надевам дека во текот на оваа недела, најкасно почетокот на следната, повикот за издавање на тие плажи каде има услови да ги издадеме, ќе биде објавен, изјави Георгиески.
Во меѓувреме, голем дел од досегашните концесионери и покрај тоа што немаат склучено договор за закуп, поставуваат лежалки и наплаќаат за нивно користење, а се наплаќа и паркирање, за што во овој случај немаат никакво право.
Т.К.