–Новините во законот беа преземени од извештајот на Светска банка, а земени се примери од повеќе земји со цел да го подобриме нашето законодавство за да се олесни процедурата за издавање на одобренија за градење, истакна министерот Миле Јанакиески.
Тој напомена дека со новиот закон се промовира и правилото „Молчењето е одобрување“, кое, како што рече, „ќе овозможи побрз начин на издавање на дозволи и исто така граѓаните ќе имаат право доколку општината не им одговори во рок од 5 дена да побараат Министерствотоза транспорт и врски да им го издаде потребното одобрение за градење“.
Министертот за транспорт смета дека имплементација на новите законски решенија ќе привлече повеќе инвестиции во градежништвото и ќе овозможи побрзо издавање на дозволи за изградба на индивидуални објекти.
Одговарајќи на новинарско прашање Јанакиески посочи дека новиот закон ќе важи за новите градби, при што напомена дека легализацијата на дивоградбите ќе биде опфатена со друг закон кој е во процедура.
–Законот за легализација на диворадбите е во финална фаза и е доставен до ЗЕЛС од каде ги добивме забелешките, а се консултираме и со повеќе земји кои паралелно го спроведуваат овој процес и очекувам многу брзо финалниот текст да го претставиме пред локалните самоуправи и пратениците, бидејќи за овој закон треба широк консензус за што ќе организираме советувања со цел да видиме колку општините се подготвени и кога е најповолно тој да се имплементира, рече Јанакиески.
Запрашан што ќе биде доколку Уставниот суд ги оспори одредени одредби од законот за што е покрената постапка пред оваа судска инстанца, Јанакиески истакна дека Министерството за транспорт и врски ќе ја почитува одлуката што ќе ја донесат уставните судии.
Од ЗЕЛС позитивно гледаат на новите закони, но имаат и одредени забелешки, кои пред се се’ однесуваат на одредбите со кои се предвидува конфискација на земјиштето на прекршителите на законот. Дел од претставниците на локалните самоуправи изразија мислење дека дел од законските одредби тешко ќе бидат спроведливи во пракса укажувајќи дека ред во градежништвото е невозможно да се воведе без претходно да се реши проблемот со дивоградбите.