На територија на државата извршени се околу 50 контроли во текот на изминатите два дена во угостителски објекти коишто имаат лиценца за работа која се однесува на кабаре, ноќен клуб, диско-клуб и диско-клуб на отворен простор. Голем дел немале лиценца за работа или им била истечена посочи портпаролката на Владата Марија Митева.
Согласно овие контроли на увид се приложени лиценци за вршење на угостителска дејност коишто се со важност и тие се 22 на број на цела територија на државата, но има и 15 лиценци коишто се со истечена важност, рече Митева
Во Охрид, како што истакна портпаролката на Владата на пресконференцијата одржана денеска, има четири објекти – два со важечки лиценци, еден со важечка лиценца за диско-клуб, а еден објект е без лиценца. Оваа информација внесе забуна во охридската јавност бидејќи во градот бројот на кабареа, ноќни клубови и диско-клубови е значително поголем. Дел од нив во моментов не работат, но се актуелни во ноќниот живот во Охрид, особено во сезона.
Но, според јавно објавениот ажуриран регистар на ноќни клубови, кабареа и дискотеки што го објави порталот „360“, во Охрид официјално се регистрирани пет такви објекти. Инаку, како што посочува порталот, списокот е скандалозно краток. Ако се знае дека рокот на важност на овие лиценци е една година, според јавно објавениот Регистар има само 23 важечки лиценци на територија на целата држава. Ако на пример одите во Прилеп или Тетово, ноќен клуб таму не треба да има, бидејќи ниту еден не е регистриран, се наведува во објавата. Владата пак соопшти дека во Прилеп има два такви објекти, но и на двата им е истечена лиценцата. Во Тетово, пак, има шест објекти, од кои за четири нема податок, а два се со истечени лиценци.
Најмногу вакви објекти има во Скопје – 13, од кои само 2 поседуваат важечки лиценци (за кабаре), 8 имаат истечени лиценци, а 3 објекти немаат никаква лиценца.
Државниот пазарен инспекторат е на терен и се проверуваат сите 22 објекти коишто имаат важечка лиценца дали ги исполнуваат минимум технички услови коишто се потребни за да ја добијат таа лиценца. Заедно со останати надлежни институции за тоа ќе излеземе со дополнителни информации откако ќе заврши целиот надзор којшто тие го прават. За сите други објекти, коишто се со истечена важност на лиценцата или немаат воопшто лиценца, Државниот пазарен инспекторат донесе забрана за вршење на нивната дејност сè додека не се утврдат сите потребни документи, додека не се провери дали воопшто поседуваат услови, минимално технички услови за вршење на дејност за истите да можат да обезбедат дополнителна лиценца, рече Митева.
Во Министерството за економија,пак сакам да информирам дека се прави и проверка на лиценците дали повторно има некој случај со злоупотреба на архивското работење, односно за некоја лиценца да е заведена по друга основа, додаде Митева.
Г.М.
Фото: Илустрација