Работна група составена од членови на сегашната Влада заклучила дека нема правен основ државните спортски објекти кои се во сопственост на Р. Македонија да се пренесат во сопственост и користење на единиците на локалните самоуправи на начин како што е направено во 2006 година.
Деновиве во посета на СРЦ Билјанини Извори во Охрид беше првиот човек на ЈП за стопанисување со спортски објекти, Михајло Бајо, кој ја потврди ваквата информација и најави конечна разрешница на овој проблем.
– СРЦ Билјанини Извори е во катастрофална состојба. За жал сеуште не е ништо направено во спортскиот дел. Ние како ЈП покренавме постапка пред Уставниот суд за враќање на сите спортски објекти под капата на државата затоа што претходната влада ги даде без стратегија во време на предизборие. Потоа треба да се направи добра стратегија кој објекти ќе останат под јавното претпријатије, а кој ќе се дадат на користење на спортските клубови. Ова што денес го видов во Охрид е навистина трагично поготово она што се случува со базенот – изјави Михајло Бајо.
Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески на промоцијата на одбојката во Охрид, истакна дека периодот кога спортските објекти беа под јавното претпријатие бил погубен за спортот.
– Во времето кога ЈПССО ги поседуваше овие објекти беше направен најголемиот криминал, а ние се уште ги чувствуваме последиците од недомаќинското работење. Некои објекти како што е охридскиот базен се дадени под концесија на 20 години. Мислам дека не треба да се враќаме назад туку да гледаме напред. Не држат нивните барања. Ако ја сакаат салата нека им ги вратат средствата на охриѓани за самопридонесот за изградба на с.с. „Билјанини извори“ и нека го сервирсираат долгот кој со години го плаќа Општината. Не може некој да вложува, а друг да стопанисува со објектите, вели Петрески.
Спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид, е изградена во 1998 година во најголем дел со средства од самопридонес на граѓаните. Кратко време по изградбата стопанисувањето го презеде државата, за во 2006 година таа одново да и биде вратена на стопанисување на општината. За подобро функционирање на спортскит центар, општината минатата година формира јавно претпријатие за стопанисување со спортски објекти кое од неодамна го презеде стопанисувањето со спортските капацитети на Охрид. И покрај тоа јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти смета дека градот Охрид не стопанисува добро со спортската инфраструктура и бара истата да биде вратена во сопственост на државата.