Синоќа околу 20 часот на место викано Кисела вода во атар на село Степанци, Велес, при преземање на мерки против лица што вршеле бесправна сеча и превоз на дрва, биле нападнати пет полициски службеници, а напаѓачите употребиле и тврди предмети.

Еден полициски службеник се здобил со тешки телесни повреди и е пренесен во Клинички центар во Скопје,а четворица полициски службеници се здобиле со повреди, информира МВР.

До сега се приведени четири лица, идентификувани се други лица и пронајдено е возилото кое го користеле напаѓачите. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информира полицијата.

Инцидентот во велешко следи по големата акција на надлежните служби против дрвокрадците во земјата, кои со години ги пустошат македонските шуми. Само во Охридско-струшкиот регион изминатите две седмици се  пресечени повеќе канали за нелегална продажба на огревно дрво, при што е запленета поголема количина нелегално исечени дрва.

Г.М.