Стара врба се скрши и падна врз автомобил Рено 5 на улицата „Партизанска“ наспроти х. „Палас“. За среќа во паркираниот автомобил во моментот на несреќата немало никој.


за среќа во реното немало никој

Автомобилот на Драган Додески беше згмечен од врбата која при падот зафатила уште едно дрво кое се имаше прекршено на половина. Остатоци од скршените дрва паднале на зградата и на патеката која води до неа. Инцидентот се случи синоќа нешто по 19 часот.


дрвото се струполило на зградата

Станарите од зградата беа вознемирени, но и лути на градските власти затоа што, како што ни кажаа, десега тие неколку пати побарале да се исечат старите и опасни дрва околу зградата, но ништо не било преземено.


Граѓаните веќе не знаат на кого да се обратат

Прашање беше на време кога некое од дрвата ќе падне, ни изјави Антонио Додески, жител на зградата. Тој вели дека до службите во општината биле поднесени повеќе барања за сечење на дрвата, но дека тие  си ја префрлале одговорноста едни на други без да преземат било какви мерки. Не е само ова дрво вели Додески кој предупреди дека  стариот чинар од страната на домот на АРМ е опасно надвиснат над зградата и  доколку падне ќе удри директно на неа.


Опасноста сеуште демнее

На местото на несреќата увид изврши екипа на СВР Охрид, а делумно интервенираше и служба на јавното комунално претпријатие, кое исто така се прогласи за ненадлежно во решавањето на случајот. Жителите од зградата наспроти „Палас“ велат дека не знаат кому да се обратат за спас затоа што никоја од надлежните служби во општината не сака да го реши проблемот со опасните дрва.


Паѓаат дрва во Охрид

Инаку ова е втор случај за кратко време  да падне дрво во Охрид. Пред  две недели  сред бел ден падна дрво кај Основниот суд во моментот кога крај него минуваа луѓе. За среќа и во тој инцидент немаше повредени.

Горан Момироски