Коронавирусот Ковид 19 наметна нова реалност, во која, заштитата на здравјето на луѓето е на прво место. Поради актуелната здравствена ситуација, српската заедница во Охрид големиот верски празник Св. Сава оваа година нема да го одбележи со традиционална дружба на 27 јануари.

Како што информираат од Здружението на Србите од Охрид „Коштана“, празникот Св. Сава, годинава ќе биде одбележан само духовно со богослужба, што ќе се одржи утре во црквата Св. Никола во долна Влашка маала.

Оваа година поради здравствените прилики ќе изостане заедничката прослава на православниот празник Св. Сава. Се надеваме дека ова ќе биде прв и последен пат од вакви причини да го одложиме празнувањето на Св. Сава и дека идната година сите живи и здрави повторно ќе се собереме и ќе ја продолжиме оваа убава традиција во Охрид. – изјави за OhridNews претседателот на Здружението на Србите од Охрид Среќко Стојановиќ.

Од име на Здружението Стојановиќ на припадниците на српската заедница во нашиот град им упати честитки по повод празникот Св. Сава со желби за добро здравје, мир и спокој.

OhridNews