Името „Република Северна Македонија“ е во рамките на грчките позиции за надминување на спорот со името.

Ова во интервју за Телевизија „Скај“ го изјави алтернативниот шеф на грчката дипломатија Димитрис Друцас, коментирајќи го прашањето дали овој предлог и волјата изнесена од САД нуди можност за решение на спорот.

„Познато е дека г-дин Нимиц ја изнел идејата за името „Република Северна Македонија“. Грчката позиција околу спорот е име со географска одредница за севкупна употреба, и мислам дека секој што ја користи нивната логика ќе видите дека оваа изнесена идеја е во рамките на размислувањата на грчката страна“, вели Друцас.

Иако во интервјуто Друцас на неколку пати повторува дека Грција ја поддржува евро-атлантската интеграција на Македонија, сепак, нагласува дека без решение за името ќе нема напредок доколку прашањето за отворање на пристапни преговори биде покренато за време на шпанското претседателство.

„Ако прашањето за името се реши, нема да има проблем. Доколку прашањето за името не се реши, тогаш, како што реков, нема да има таква можност“, вели Друцас.

OhridNews
извор:„Макфакс“