Македонската фудбалска репрезентација во четврток ќе отпатува за Словачка, каде в недела против домашниот тим ќе го одиграа шестиот меч во квалификациите за пласман на Европското првенство.

На натпреварот со Словачка на селекторската функција ќе дебитира Љубинко Друловиќ, кој пред неполн месец го наследи Бошко Ѓуровски со кого Македонија во Ц групата освои само три бода и со скор од една победа и четири порази се наоѓа на претпоследната позиција на табела во групата.

Новиот селектор не крие дека Словачка, како водечка репрезентација во групата со максимален ефект, е фаворит, но смета дека со тимска игра Македонија може да оствари позитивен резултат.

Друловиќ искажа задоволство од тоа како репрезентативците ги прифатиле неговите идеи, а не го обесхрабрува фактот што Македонија речиси пет години нема победа на гостински терен, а во последните три години не освоила ниту бод на гостински терен.

„Традицијата постои за да биде срушена. Македонија има негативен скор против Словачка, но јас се надевам дека ние ќе бидеме тие кои ќе ја променат историјата, односно дека ние ќе ставиме крај на таа негативна серија на гостински терен. За да го оствариме тоа, ќе мора максимално професионално да се однесуваме на теренот и да ги извршуваме своите задачи. Словачка е фаворит, има квалитетни играчи, но ќе биде и доволна инсприпација за моите играчи да ги покажат своите вистински квалитети. Доколку се држиме до договореното и доколку го дадаме својот максимум, можеме до позитивен резултат“, рече Друловиќ на прес-конференцијата пред заминувањето за Словачка.

Селекторот не откри ниту дел од своите тактички замисли и со каква формација ќе им се спротивстави на Словаците, како што рече „70 отсто од тимот кој ќе започе го има во главата“. Проблеми на Друловиќ му претставуваат повредите на Шоков и Костовски, но не откри кој ќе игра на нивните места.

„Имаме доволно играчи и добри решенија за секоја позиција. За жал, мислевме дека Шиков ќе може да игра, додека Костовски дојде повреден, тоа е она што не можевме да го предвидиме, важно е што останатите се здарви. Проблем е што не беа тука сите од почеток, Хасани стигна во вторникот, ден претходно Тодоровски и Стјепановиќ. Од играчите барам да бидат компактни, да делуваме како вистински тим, во секој момент да се знае кој каква задача има. Линиите на тимот секогаш треба да ни бидат блиску, без разлика дали ја имаме топката или не, да си помагаме едни со други, организирано да одиме во транзиција, односно тактички добро да стоиме на теренот“. 

Квалификацискиот натпревар Словачка-Македонија ќе се одигра на 14-ти јуни во Жилина со почеток во 20.45 часот. Во истиот теремин во Ц групата, Белорусија ќе ја пречека Шпанија, додека Луксембург и Украина својот меч ќе го започнат во 18 часот.

„Макфакс“