По натпреварот во Борисов против Белорусија од квалификациите за ЕП 2016 година во Франција заврши договорот меѓу Фудбалската федерација на Македонија и селекторот на А репрезентацијата, Љубинко Друловиќ.
ФФМ и Друловиќ се согласија дека соработката нема да биде продолжена, а српскиот стратег го презеде кормилото на Партизан кое остана празна по отказот на Зоран Милинковиќ од клубот.
– Сакам да им се заблагодарам на Фудбалската федерација на Македонија и на Управниот одбор за соработката и поддршката која сето ова време ми ја даваа мене и на стручниот штаб со цел да бидеме успешни. Исто така, сакам да им се заблагодарам на играчите и искрено на секој од нив му посакувам успех во репрезентацијата и во нивните клубови.Квалификациите за Европското првенство не ги завршивме со пласман до четвртото место, а бидејќи тоа беше еден од условите од мојот договор со ФФМ, нема да ја продолжиме соработката. Како професионалец, за мене резултатот секогаш е мерило за успехот, жал ми е што не остваривме подобри резултати во квалификациите за ЕП 2016. Македонската репрезентација има млади играчи и сигурен сум дека во иднина ќе бидат многу поуспешни. Им се заблагодарувам и на луѓето од стручниот штаб кои го вложија своето знаење и труд за да бидеме успешни. Сигурен сум дека сите на свој начин посакуваа успех и добри резултати. Продолжуваме на различни страни, но и понатаму ќе бидам голем поддржувач на репрезентацијата на Македонија. – рече Друловиќ.
Србинот ја презеде А репрезентацијата на Македонија во април 2015. година. Во квалификациите за Европското првенство во Франција, Друловиќ на пет натпревари како предводник на Македонија забележа четири порази и еден нерешен резултат.
Ohridnews