Српскиот фудбалски стратег Љубинко Друловиќ е именуван во четврток за нов селектор на македонската фудбалска репрезентација, а потпиша две и пол годишен договор до крајот на квалификациите за Светското првенство во Русија во 2018 година.
Друловиќ го заменува Бошко Ѓуровски, кој на почетокот на април доби отказ заради лошите резултати во квалификациите за ЕУРО 2016.
Поранешниот српски репрезентативец во кариерата многу кратко беше селектор на Србија, а најголемиот успех го оствари со младата репрезентација на Србија, која во 2013 година стана европски првак.
Македонија по пет натпревари во квалификациите за Европското првенство во Франција во 2016 година се наоѓа на претпоследното место во групата Ц, со само три бода, односно 12 помалку од првопласираната Словачка.
„Макфакс“