Изложби, работилници, предавања, уметнички, театарски и музички перформанси, филмови, музика- имаше можност да проследи публиката на второто издание на Фестивалот за процесирање култура ДримОН во Струга што се одржа од 23 до 27 јули на Летната сцена при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

„Све(с)т во транзит“, „Кадарен рез“, „Проектирано живеење“,   „Утрешниот уметник“ и “Башка реалност“ беа насловите на програмските целини кои донесоа разновидни содржини. Сето ова, во летниот амбиент на Струга, даде еден поинаков белег на градот покрај Црниот Дрим – ја оживеа креативната сфера во која лежи огромен потенцијал за подобрување на сеопштиот квалитет на живеење.

– ДримОН е повеќе од иницијатива затоа што уште во самиот наслов има динамика, вклученост, будност во она „ОН“ и сонување во она „дрим“. Или заедно, кога будноста и сонувањето ќе се вклопат во една, како што тие би рекле, башка реалност, добиваме една поинаква реалност која живее повеќе од деновите на траењето на фестивалот. Драго ми е што оваа концентрација на ентузијазам и соновност наиде на одзив кај повеќе наши автори и уметници, и верувам дека таа иницијатива ќе продолжи и понатаму. Сите мислиме дека, како и секоја првична иницијативност, таа динамика на еден тек ќе се влее во некаква институционалност. Меѓутоа, верувам дека ДримОН ќе продолжи надвор од тоа, затоа што самиот по себе веќе е институција – вели поетот Никола Маџиров, кој со својот музичко-поетски перформанс „Две месечини“ настапи на последниот ден на фестивалот.

Гостинот од Германија, уметникот Марко Кројач кој имаше работилница на првиот ден и имаше можност да го следи целиот фестивал, и како учесник, но и како дел од публиката, со позитивни разислувања за настанот.

– Атмосферата на фестивалот беше многу симпатична и се одвиваа фантастични активности, дури и на дожд. Обожавам вакви иницијативи кои ги движат градовите и им даваат поинаков тек. Ова е мој прв ваков престој во Струга, запознав многу добри уметници, одлични домаќини и сето ова го доживувам многу позитивно – рече Кројач.

ДримОН се реализира на волонтерска и ентузијастичка основа, поддржан од добрата волја на организаторите, здружението Иницијатива за независен културен активизам (ИНКА), на учесниците, како и локалните бизниси и граѓанскиот сектор кои во рамките на своите можности помогнаа да се одржи второто издание на фестивалот.

Се испитуваа формите на кулутрен и социјален активизам (предавањата на Небојша Илијевски, кој зборуваше за дејата за духовен данок и социјална одговорност, и на Ана Јовковска, која ги претстави слободните зони на урбаната совест), предавања се претставија и кратки филмови на повеќе македонски автори (Милчо Манчевски, Игор Алексов, Елеонора Венинова, Наташа Фелева, Филип Матевски и Лидија Мојсовска), имаше изложби на Игор Тошевски, Енкел Дика, Љубиша Камењаров, како и на Влада Урошевиќ, кој одржа и предавање за поетиката на градовите во модерната поезија. Музичкиот дел на ДримОН  беше во рацете на повеќе диџеи, а настапија и гостите од Србија, групата „Ти“ и новосаѓанката Доџо. Во текот на целото времетраење на фестивалот имаше летен саем на книга во кој беа застапени изданија на „Или Или“, „Магор“, „Темплум“, „Македоника литера“ и „Блесок“, како и базар на уникатни уметничи производи.

Организаторите посочија и дека комплексноста на програмата без сомнение поставува нови стандарди за културните пракси во градот, ефективно беше остварена во целост.

Логистички партнер во реализацијата на фестивалот беше Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, а поддршка даде и градоначалникот на  Струга, Зијадин Села.

OhridNews