– Целта на Дримскиот дијалог како процес е да развие заедничка визија за одржливо управување на басенот на реката Дрим, кој басен е прекуграничен ресурс поделен меѓу Албанија, Македонија, Грција, Косово и Црна Гора. Тоа ќе вклучи изнаоѓање патишта за прекугранична соработка во согласност со меѓународните мултирателарни договори и Рамковната директива за води на Европската унија. – истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Неџати Јакупи.
Консултативниот состанок, како што беше истакнато, имаат за цел да ги дефинираат потребите и приоритетите за одржливо управивање со Дримскиот басен, за што ќе бидат направени анализи кои ќе треба да ги идентификуваат клучните прашања и проблеми поврзани со управување на водните ресурси во сливот на реката Црн Дрим.
Интегрираното менаџирање со реката Дрим го поддржува и Европската Унија. Евроамбасадорот Ерван Фуере истакна дека Европската комисија развива стратегија за мерките за зачувување и зголемување на водните ресурси, што ќе се имплементира до 2020 година и дека од исклучително значење е државите меѓусебно да соработуваат во заштитата на животната средина.
-Водните ресурси во регионот се поврзани и оттаму мошне значајна е прекуграничната соработка во делот со управување со водните басени. Постојат предизвици, но сигурни сме дека овој процес ќе донесе резултати – рече Фуере.
Првата фаза наречена „Дримски дијалог“ е предвидено да трае до средината на 2011 година, со финансиска поддршка на Шведската агенција за развој. Според плановите, оваа фаза од проектот треба да опфати анализа на басенот, консултации на национално и прекугранично ниво и развивање на документ за Заедничка визија на Дрим. Вакви консултативни состаноци ќе се одржат и во Албанија и Црна Гора, како и еден финален прекуграничен консултативен состанок кој ќе ги вклучи сите заинтересирани страни од басенот на Дрим.