Алчноста, материјализмот, лакомоста како универзални и актуелни теми претставени на гротескен јазик, не ја оставија рамнодушна публиката на „Охридско лето“ која вчеравечер имаше можност премиерно да ја види театарската претстава „Ждрело“ во изведба на Драмски театар-Скопје.

Претставата на текстот е универзална и актуелна. Се однесува на она што во моментов се случува буквално низ целиот свет-материјалистичко-лакома алчност. Беше доловен порокот на потрошувачката психологија којашто му е наметната на светот, со лакомоста, алчноста за пари, како компензација за нешто што недостасува.

Според селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Ѓорѓи Јолевски, оваа тема е една од суштинските за секој театар.

– Оваа екипа составена од внатрешни актери е всушност амалгам со кој естетиката на Жанина Мирчевска преку визијата на Бузалковска доаѓа на сцената на Драмски театар. Исклучително необична претстава којашто за мене е некаков вид рефлексија на постмодерната од 80-тите години која во некакво ново руво, вели Јолевски.  

Интересна и ретка можност беше да се видат и маските во претставата и атрактивната сценографија, која беше комплетирана еден месец пред премиерното прикажување во Охрид, што исто така ретко се случува на македонската театарска сцена.

OhridNews