Во предворјето на црквата „Света Софија“ вечерва, во рамки на фестивалот Охридско лето ќе биде изведена претставата „Кавкаски круг со креда“ од Бертолт Брехт , во режија на Златко Славенски, а во изведба на Драмски театар- Скопје.

„Една жена и едно дете. Оваа митска слика е таква што не трпи премногу анализи, коментари, ниту какви било пермутации во сферата на рационалните животни категории. Токму примарната емоција, да се заштити нејакото, нежното и убавото – токму ова убаво нешто, е веројатно онаа убавина која ќе го спаси светот, за која пишувал и говорел Достоевски. Кај Брехт таа убавина е донесена во болната едноставност на одлуките што луѓето ги прават без да размислуваат, туку рефлексот доаѓа директно од самото срце.Оваа претстава кај гледачот ќе побуди грст емоции, но исто така и безбројни дилеми, за тоа – што всушност значи да бидеш мајка? Дали е тоа нешто што е наследно или е тоа чудна и чудесна појава која не трпи генетски ограничувања? И во сето гнило сивило на т.н. „реален свет“, судбината произлезена од сопствената личност – ѝ ја доделува на Груша улогата на спасител на малиот Михаил. Една жена и едно дете во сивилото на гнилата реалност. Љубов, пишува режисерот Славенски за претставата.

Главните улоги ги толкуваат: .Васил Зафирчев, Сања Арсовска, Благој Чоревски, Борјан Давитков, Рубенс Муратовски, Филип Трајковиќ, Диме Илиев, Роберт Вељановски, Драгана Миленковска, Златко Митрески, Соња Стамболџиоска, Игор Георгиев, Александра Павлова.

Почеток на претставата е во 21 часот.

OhridNews