Трите најнови драми „Одисеј “, „Огнени јазици“ и „Figurae veneris historiae“ беа промовирани синоќа како дел од четвртата книга Собрани драми на еден од најпопуларните македонски драматурзи, Горан Стефановски. Последната драма „Figurae veneris historiae“ охриѓани и пошироката јавност ќе имаат можност да ја проследат вечерва, во рамки на завршната церемонија на фестивалот Охридско лето на летната сцена Долни Сарај од 21 часот.
Горан Стефановски во рамки на промоција презентираше слајдови од процесот на создавање на неговите драми.
-Драмата „Одисеј“ зборува за тоа дека сите копнееме по нашата Итака, по свое прибежиште. За некого тоа е родниот крај, семејството, за некого детството, за некого театарот… Втората драма „Огнени јазици“ е пишувана за Драмскиот театар во режија на Слободан Унковски и ја разработува темата за браќата Кирил и Методиј, маченици на преводот за кои сфатив дека не е напишана драма во Македонија. Во неа се драматизира фактот дека Господ е во вистинскиот превод, во складот, во поврзувањето, во премостувањето, во меѓусебната комуникација. Третата драма „Figurae veneris historiae“ имаше премиера оваа година во Словенското народно казалиште во Љубљана во режија на Александар Поповски и е посветена на неможноста на љубовта во светот на политиката. Политиката не силува. Ние го бараме лиричното во вулгарноста, копнееме по љубов, допир, топлина, пријателство, а сме опкружени со војни како круна на политичката перверзија и патологија, рече Стефановски.
Проморот на книгата, академик Катица Ќулафкова одржа беседа за трите најнови драми, за стилот и дускурсот кој го користи Стефановски.
-Што и да се каже е малку за човек кој 41 година живее во и со театарот. Тоа е еден пред се, долг истражувачки процес и плодотворна работа. Неговите драми се главно базирани на библиски и митолошки предлошки, инспирирани од народните преданија и народната литература. Во овие современи драми Стефановски пристапува креативно, критично и духовито, тој е современик со трансисториска визија. Тој пред се ја поставува дилемата за слободата и заробеноста, а не слободата и смртта, рече Ќулафкова.
Актерот Никола Ристановски интерпретираше извадоци од трите драми, а посетителите уживаа во содржината и умешноста на Стефановски да ги актуелизира историските теми. Ристановски истакна дека драматургијата на Стефаноски секогаш му причинува огромно задоволство и плодно тло за интерпретација.
На трите последни драмски текстови од Стефановски се осврна и Цветан Враживирски од издавачката куќа „Табернакул“ која ја издаде неговата последна книга со трите драмски дела
Ивана Чичоска