Ќе се преземат мерки за санирање и намалување на последиците од опаѓањето на нивото на Преспанското Езеро, кое според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи во моментов се наоѓа на 1,60 метри под дозволениот природен минимум.

Претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, денеска изврши увид и обиколка на Преспанското Езеро за прецизирање на спроведувањето на препораките и акцискиот план предложен од експертите за одржливо управување на Преспанското Езеро и најави нивно спроведување во три фази.

Првата фаза која опфаќа анализи, студии, препораки, средби на засегнатите страни, во голем дел е веќе спроведена, додека за следните две фази клучна ќе е иницијативата и кај соседите, па во таа насока ќе побараме трите земји да му дадат нова динамика и на проектот за комплетна заштита на Преспанското езеро поддржан од Европската Унија. – рече Заев.

Премиерот истакна не може да се влијае на климатските промени и времето, но дека ќе се преземат сите неопходни мерки за намалување на последиците од еколошката катастрофа. Додаде дека Владата ја подготвила одлуката за определување на финансиски средства за општина Ресен во висина од 80 милиони денари кои ќе бидат наменети за чистење на површините на езерото каде што е водата повлечена, посебно во делот кај некои од плажите.

Чистењето на овие површини од тињата и од остатоците од дрва и друг материјал ќе се изврши со посебни бродови опремени за таа намена кои нема да наштетат на биодиверзитетот, а ќе го овозможат понирањето на водата и сигурен и стабилен воден режим посебно во летниот период. Во рамките на втората фаза на ревитализација се предвидени и мерки за напредок на активностите за изградба на современи прочистувачи на сите отпадни води кои се влеваат во Преспанското езеро. Дека нашата грижа е континуирана, покажуваат и нашите дела. Владата издвои 80 милиони денари за земјоделците кои претрпеа штети од невремето. Сите граѓани на преспанскиот регион веќе ја препознаваат оваа грижа. Наша обврска е да ја покажеме таа грижа и Преспанското Езеро да се сочува денес за идните генерации, порачал премиерот Заев, соопштија денеска ов владината прес-служба.

При обиколката, градоначалникот Гошаревски изјавил дека општината постојано ја следи состојбата со нивото на езерото преку мониторинг станицата во Стење, посочувајќи дека проблемот е комплексен и ќе се решава од страна на трите држави кои го делат езерото.

OhridNews
Фото: „Миа“