Ракометарите на Охрид на драматичен начин стигнаа до првата победа на струшкиот турнир совладувајќи го со минимални 28-27 (16-14) шведскиот вицешампион, Алингсас.

„Гладијаторите“ со минималниот триумф над швеѓаните се пласираа на втората позиција на табелата во групата и закажаа дуел со Металург во малото финале.

Охриѓани одиграа одличен натпревар и покрај заморот во нозете од мечот со Бешикташ. Не потклекнаа во ниту еден момент и на голема радост од публиката на теренот „Женска плажа“ постигнаа гол повеќе.

Таличен за охридскиот состав беше голманот Благојче Трајковски, кој одново брилираше на голот, а меѓу стрелците се истакнаа Лазар Адамовиќ со шест голови и Марко Кобетиќ со пет погодоци.

Охрид малото финале со Металург ќе го одигра во 19 часот и 45 минути. Претходно на програмата е дуелот за петтото место во кој ќе се сретнат Алингсас и домаќините Струга, а финалето на 45-то издание на Меѓународниот турнир во Струга помеѓу Бешикташ – Шартр е закажано во 21 часот и 30 минути.

Фото:Гол.мк
OhridNews