Професионалните новинари не треба и не смеат да бидат напаѓани поради вршење на нивната професија, им порача на јавноста и до политичките партии претседателот на Задружението на новинари на Македонија Младен Чадиковски на прес конференцијата по повод Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите.
Втората порака беше упатена до Основното јавно обвинителство со барање сите напади и закани врз новинарите и медиумските работници итно да се процесуираат.
Бараме во следниот период Министерството за правда да направи измени во Кривичниот законик. Со измените треба да се прошири надлежноста на обвинителството да постапува по службена должност по кривични дела поврзани со напади и закани на новинари и да се зголемат казните кон напаѓачите. Во исто време од Основното Јавно Обвинителство бараме да формира посебно одделение кое ќе ги гони напаѓачите на новинарите. – истакна Чадиковски.
Новинарите и медиумските работници играат клучна улога во нашата земја како чувари на јавниот интерес, а новинарската професија е важен дел на секое демократско општество. Оваа година споредбено со минатите, новинарите често се соочуваат со вербални и физички напади само поради вршење на своите професионални обврски, додека насилниците остануваат неказнети. Важно е да се истакне дека неказнивоста неминовно води кон самоцензура, го ограничува просторот за слободни медиуми и ја лишува јавноста од правото да биде информирана, додаде Чадиковски.
Според статистиката на ЗНМ, од почетокот на оваа година до овој момент бележиме вкупно 14 напади и груби закани кон новинари од кои повеќе од половината се кон новинарки. Споредбено, минатата година вакви инциденти имаше четири што значи дека оваа година нападите и заканите се три пати повеќе. Иако физичките напади се намалени сепак загрижува фактот дека се повеќе закани по животот кон новинарите се забележуваат на социјалните мрежи. Во оваа насока, дополнителни напори треба да вложи и Министерството за внатрешни работи со санкционирање на сторителите, а за посериозните случаи да бара од ОЈО да покренува кривични постапки.
Креирањето на безбедни услови за работа на новинарите и медиумските работници е редовно нотирано во извештаите за Р.С. Македонија во извештаите на Европската комисија. Затоа Владата треба посериозно да го земе ова прашање во предвид и да ги поттикне засегнатите институции не само да ги решат случаите на нападнати новинари туку и да превенира нови во иднина, рече Чадиковски.
OhridNews