Ракометниот клуб Охрид обезбеди пласман во втората квалификациска рунда за учество во фазата по групи во Купот на ЕХФ елиминрајќи го Крас Волендам во двомечот кој се одигра во Охрид.

Пласманот понатаму „гладијаторите“ го обезбедија со минималниот триумф 24-23 (13-10), откако првиот натпревар вчера заврши без победник 24-24.

За разлика од првиот меч, охриѓани констатно имаа водство и го контролираа текот на натпреварот. Дури во финишот холанѓаните се вратија резултатски во игра.

Но, охриѓани не потклекнаа, бодрени од домашната публика смогнаа сили и се исправија пред историскиот предизвик.

Во последната минута „гладијаторите“ влегоа со плус еден, а нападот им припадна на холанѓаните. Одбраната беше на висина од задачата и си го направи своето, а брзиот гол во мрежата на „гостите“ стави точка на драмата во „Билјанини Извори“.

Во втората квалификациска рунда охридските ракометари ќе се сретнат со Порто. 

Мх.П.