Охридските ракометни надежи ја забележаа првата победа во Младинската лига совладувајќи го Прилеп со 28-27 (14-13) во третата рунда од првенството.
Пулените на охридскиот стратег Наум Бабачев одиграа драматичен натпревар, а присебноста и „мирната рака“ во финишот им донесе прва радост сезонава.
Со девет голови во охридскиот состав најпрецизен беше Наум Костов, Мартин Иваноски постигна два помалку, а Марио Матески, Даниел Андоновски и Михајло Најденоски застанаа на три голови. Одличен на голот од Охрид беше голманскиот тандем Душко Тасески и Дарко Левески.
Првата победа скапо го чинеше домашниот состав, откако мечот поради повреди порано го завршија Борче Наумоски и Раде Лазарески.
Во четвртата рунда од шампионатот ракометарите на Охрид гостуваат во Скопје, а ќе се сретнат со тимот на Работнички.
OhridNews