Министерството за внатрешни работи изготвило налог за ГФК Охрид во висина од 30.000 евра, поради инцидентите и штетите направени за време на дерби натпреварот од Втората фудбалска лига со Вардар, што се одигра на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.
МВР го товари ГФК Охрид, за безбедносни пропусти во организацијата, недоволен број на редари, поради што според полицијата дошло до инцидент што го предизвикаа гостинските навивачи „Комити“ кои ја срушија заштитната ограда на западната трибина и се судрија со обичната публика.
Ваквата драстична казна, невидена до сега на овие простори, дотолку повеќе што станува збор за второлигашки натпревар, сериозно може да го доведе во прашање натамошното функционирање на ГФК Охрид.
Од клубот најавија реакција во текот на утрешниот ден, кусо коментирајќи дека постои тенденциозност во целиот случај, додавајќи дека толкава казна ниту УЕФА нема изречено на клуб од ранг на ГФК Охрид.
Г.М.