– Оваа година е јубилејна, славам 50 години од раѓањето и ова е еден циклус од се што сум направил досега. Мултимедијалниот проект Резонанса е работен во текот на последните неколку години. Додека поезијата е создадена последнава година. Ќе ги промовирам петте книги кои произлегоја од магијата која ја носи бројот пет, вели авторот, познатиот доктор- ортопедски хирург, уметник, поет, Драган Спасески- Охридски.
Секоја книга содржи сто хаику песни, размисли, бидејќи за мене хаику поезијата е предизвик- три стиха пет седум пет, односно патерн, а сето друго е она што го размислува авторот, додава Спасески.
Во склоп на овој проект е поставена изложбата компјутерска графика од мега циклусот Охридските ангели, кој Спасески го работи повеќе од десет години и се надева дека наскоро ќе биде обелоденет пред македонската и охридската јавност.
Оваа изложба е само фрагмент од мега циклусот, чие ехо е во самите книги. – Книгите се облагородени со фрагменти од мега циклусот Охридските ангели. Секоја книга има по еден ангел и има вселена од ангелот кој е носечка фигура. Од еден хаос се создава ред и од тој ред се создава вселена на форми и бои, вели Спасески- Охридски.
На компјутерските графики особено впечаток оставаат интензивните и свежи бои кои зрачат оптимизам. – Оптимизмот е песимизам со искуство и обратно. Јас сум среќен што живеам во град кој има прекрасна енергија, преполн со плаветнило и настојувам таа енергија да ја пренесам на хартија или платно. За мене секоја слика е прозор, низ кој го гледате светот кој го создавате, појаснува Охридски.