– Ослободувањето за нив беше една пресвртница во нивниот живот. Тие доцна во петокот пристигнаа во Струга и повторно беа заедно со своите семејства, што беше навистина трогателен настан, бидејќи се сретнаа со блиските после подолг период, истакна познатиот охридски адвокат Гоџо.
Апелацискиот суд во Скопје ги уважи жалбите на одбраната и ја поништи пресудата на Основниот суд Скопје 1, со која тие беа осудени на казна затвор од 6,5 години за перење пари, измама и давање лажни податоци, а обвинителството го повлече обвинението и побара ново судење. Според адвокатите на Миладинови, ваквиот исход ги потврдува нивните тврдења дека ниту еден од 15-те осомничени за повеќе милионска проневера во случајот „Изгрев“ не требало да биде обвинет, а одбраната е подготвена тоа да го докаже и на повторно судење.
–Јас немам ингеренции да се мешам во одлуките на обвинителството, кое што е надлежен орган да покренува гонење, да врши измени во обвиненија, па и да повлекува обвиненија. Кога ја поминавме судската постапка до денес, ние сме подготвени и во иднина да се соочиме со било какво обвинение во врска со овој настан. Не стравуваме, бидејќи од доказите кои ни се познати не произлегува дека обвинетите сториле било какво кривично дело. Спремни сме повторно да излеземе на суд, да се соочиме со обвинение и да чекаме дали на некој друг начин некој ќе се обиде да докаже дека има кривично дело. Мене ако ме прашате повторно ќе напоменам дека кај ниту еден од обвинетите нема казниво дејство, тоа се деловни работења сосема дозволени согласно Уставот и законите на Република Македонија.-рече Гоџо.
Одбраната не гледа кривична одговорност ниту кај Македонската православна црква, која е деловен партнер на Миладинови во зделката со хотелот „Изгрев“ и според бранителите случајот не требало да заврши пред судските органи. Адвокатите на Миладинови сметаат дека овој случај уште еднаш го отвара прашањето на употребата на мерката притвор, која, според нив, треба да се изрекува само доколку тоа е навистина неопходно
-Како бранител во кривична постапка секогаш сум го изнесувал мојот јасен став дека притворот треба да биде определуван само во исклучителни склучаи, а кога го велам тоа мислам на оние случаеви во кои што не може на друг начин да се обезбеди безбедност на сведоци, безбедност на оштетени во постапката и да се спречи опасност од бегство на обвинет за кривично дело за кое е предвидена голема казна. За случаи во кои станува збор за деловно работење, кривични дела од стопански, или финансов криминал, за дела поврзани со работењето во службата, сметам дека не треба да се определува мерка притвор, бидејќи тоа се кривични дела за кои што се обвинети деловни лица, државни службеници, политичари, еминентни доктори, или архитекти кои што никогаш немале допирна точка со насилен облик на криминалитет, ниту пак кривичното дело за кое што се обвинети има елементи на насилност и висок степен на општествена опасност за останатите околу, вели адвокатот Драган Гоџо.
Одбраната на Миладинови не очекува евентуалното повторно судење за случајот со хотелот Изгрев да започне до крајот на оваа година, а според неа, најрано тоа би можело да се случи во почетокот од наредната година.