Друштвото на писателите на Македонија ќе ја одбележи 68-годишнината од своето формирање со свечен собир, во петок на 13 февруари 2015 година. Во Домот на македонските писатели ќе бидат врачени наградите за најуспешни книжевни дела објавени во 2014 година.

Носители на признанијата на ДПМ се: Радован Павловски, добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга, Божин Павловски, добитник на наградата „Стале Попов“ за најуспешна прозна книга, Георги Сталев, добитник на наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критики, Стојан Тарапуза, добитник на наградата „Ванчо Николески“ за најуспешна книга за деца, и Сеида Бегановиќ, добитник на наградата „Книжевен мост“ за најуспешна книга на јазиците на националностите во Република Македонија. На свечениот собир за местото и улогата на македонската писателска асоцијација ќе зборува Веле Смилевски, претседател на ДПМ.

Друштвото на писателите на Македонија е асоцијација на уметници со најголем број членови и со најдолга традиција во Република Македонија. Формирано е во 1947 година и до сега во него членувале 480 писатели од сите генерации. Еден од иницијаторите за формирање и прв претседател на Друштвото на писателите беше Блаже Конески.

OhridNews

Извор:„Локално“