Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) реагира на негрижата  кон културните достоинства на Струга, каде што вчера вечер од алејата на поетите на кејот од реката Црн Дрим исчезнаа бистите на поетите  Ацо Шопов и Славко Јаневски.

 Дигнитетот на градот Струга е создаван и афирмиран со децении преку големиот поетски фестивал Струшки вечери на поезијата. Македонската писателска асоцијација се обраќа до Министерството за култура на Република Македонија, до локалната самоуправа на Струга и конкретно до градоначалникот, како и до органите за зачувување на редот, со барање да ги преземат сите неопходни мерки за откривање и казнување на извршителите на овој крајно нецивилизиран чин на деструкција, соопштува ДПМ.


украдена бистата на Славко Јаневски

Кејот на поетите во Струга го симболизира местото, улогата и значењето на градот на светската поетска мапа. Таму се наоѓаат и бистите на полскиот поет Адам Мицкјевич и на рускиот поет Сергеј Есенин. За време на претстојните Струшки вечери на поезијата во август годинава, во план е поставување биста на поетот Блаже Конески. 

Граѓаните на Струга  велат дека не е прв пат бисти на поети или други спомен обележја да бидат сквернавени. Не се знае кој ги украл бронзените бисти, но се претпоставува дека тоа би можело да биде направено за пари бидејќи често пати украдените спомен обележја завршуваат на нелегалниот пазар.

Стружани предупредуваат дека покрај бисти се крадат и канделабрите и електричните кабли на кејот на Дрим и дека надлежните не преземаат доволно мерки да го спречат тоа.