Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) најави активности за сузбивање на нелојалната конкуренција од нерегистрираните трговци. Со контролите ќе бидат опфатени сите трговци и доколку немаат регистрирана дејност освен пропишаните казни ќе им бидат одземени производите.

Од извршените инспекциски надзори врз основа на одлуките на Владата кои се однесуваат на овошјето и зеленчукот, затечени се поголем број нерегистрирани трговци. Со цел да се сузбие нелојалната конкуренција предизвикана од нерегистрираните трговци, Пазарниот инспекторат во наредниот период ќе спроведува и надзори за утврдување на нерегистрирана дејност врз основа на Законот за трговија. Освен кај оние кои продаваат овошје и зеленчук, надзори ќе се вршат и кај сите останати трговци, за сите производи низ целата територија на Република Северна Македонија. Во случај да се затекне нерегистриран трговец, освен изречена казна, ќе следува и целосно одземање на производите кои ги продава, соопшти ДПИ.

Упатува апел до оние кои вршат нерегистрирана дејност, во најбрз можен рок да извршат регистрација, која укажуваат дека е многу едноставна и нема да им одземе повеќе од два дена.

Доколку оставиме простор да се проширува нелојалната конкуренција која ја создаваат нерегистрираните трговци, така и нечесните трговски практики ќе се одразат врз регистрираните трговци кои си ги исполнуваат обврските кон државата, со што системот ќе затајува, а тоа никому не оди во прилог. Ги охрабруваме граѓаните доколку забележат или веќе познаваат нерегистрирани трговци, препродавачи и продавници, веднаш да пријават во пазарниот инспекторат, порачуваат од Државниот пазарен инспекторат.

OhridNews

фото. ДПИ